Menu Close
Проф. д-р Зоран Стерјев

ПОРАКА ОД ДЕКАНОТ

Фармацевтскиот факултет при Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј” во Скопје е најпрестижната високообразовна институција и лидер во образованието на кадри од областа на фармацијата во Р. Македонија.

На Факултетот се организира настава во три циклуси согласно Болоњскиот процес: интегрирани студии од прв и втор циклус по фармација, прв циклус студии за профилот дипломиран лабораториски биоинженер и прв циклус студии за профилот дипломиран диететичар/диетотерапевт, магистерски и специјалистички студии од втор циклус од различни области на фармацијата (академски и здравствени специјализации) и докторски студии од трет циклус од областа на фармацевтските науки. Наставата на сите три нивоа се изведува според европскиот кредит трансфер систем, со што се овозможува академско препознавање на студиите во странство. 

Современиот и европски препознатлив едукативен курикулум за профилот магистер по фармација, во трење од пет години, овозмо­жува стекнување современи знаења и вештини за вршење на фармацевтската професија и создавање кадри за аптекарска дејност, фармацевтска индустрија, здравствени услуги од областа на терапевтиците, снабдување и дистрибуција на лекови, лаборато­риска дејност, научноистра­жувач­ка работа и друго. 

Тригодишната студиска програма од прв циклус за стекнување звање дипломиран лабораториски биоинженер овозможува создавање кадри за работни места поврзани со медицинската дијагностика, фармацевтско-хемиската и козметичката индустрија, прехранбената индустрија и за консултациска улога во области поврзани со здравствената дејност, како и на други позиции во индустријата, трговијата, образованието и во владините и приватните сектори поврзани со лабораториската практика. Тригодишната студиска програма од прв циклус за стекнување звање дипломиран диететичар/диетотерапевт е со цел создавање здравствени професионалци со соодветно познавање на сите аспекти на исхраната, диететската интервенција кај поединци и различни популациони групи, диететскиот режим на човекот/пациентот, имано професионалци со проширени знаења, вештини и ставови кои ќе водат кон компетентен практичар, способен соодветно да ги примени истите.

Постдипломските студиски програми овоз­можуваат создавање на специјалисти, магистри и доктори на фармацевтски науки, додека посебната едукација и тренинг на здравствени работници од областите на здравствените специјализации овозможува создавање посебно обучени кадри, специ­јали­зирани за работење во определени области на здравствениот систем.
Освен со наставно-образовна, Факултетот се карактеризира и со плодна научноистражувачка дејност. Факултетот е вклучен во низа проекти финансирани од домашни и меѓународни институции и фондови, има остварено соработка со наставно-научен кадар од други факултети и универзитети во земјата, Македонската академија за науки и уметности, како и разгранета мрежа на меѓународна соработка со други факултети и универзитети од областа на медицинските и биомедицинските науки надвор од земјата, од Данска, Шведска, Белгија, Франција, Германија, Словенија, Турција, Бугарија, Србија, Италија, САД. Еминентни професори од овие високонаучни институции се вклучени во наставно-научната активност на нашиот Факултет, а дел од нив се и почесни професори на нашиот Универзитет.
Во рамките на Факултетот се одвива богата стручно-апликативна дејност, која се изведува во рамките на постоечките центри: Центарот испитување и контрола на лекови, Националниот центар за издавање информации за лекови, Центарот за биомолекуларни фармацевтски анализи, Центарот за контрола на труења, Центарот за фармацевтска нанотехнологија и Центарот за континуирана едукација

Наставниот кадар е несебично посветен на развојот на Факултетот и обезбедување на средина за учење која ќе им овозможи на студентите основни, стручни и пошироки познавања за продуктивна професионална кариера и развој на вештини за ефикасна и одговорна тимска работа со почитување на начелата на професионалната етика.